Ликвидацијата на фирма претставува сложен, но строго регулиран процес за доброволно затворање на трговско друштво и негово бришење од Централниот регистар на Република Северна Македонија. Овој процес подразбира престанување на постоењето на фирмата како правен субјект, но само по подмирување на сите обврски кон доверителите, вработените и државата.
Што значи ликвидација и кога е потребна?
Ликвидацијата на фирма е потребна кога сопствениците или содружниците донесуваат одлука за затворање на фирмата. Ова може да се случи поради различни причини:
- Истек на времетраењето на друштвото одредено во договорот за основање.
- Одлука на содружниците, кога тие сакаат да престанат со деловната активност.
- Статусни промени, како што се присоединување, спојување или поделба на друштвото.
- Финансиска неисплатливост, кога фирмата повеќе не е профитабилна, иако нема неплатени долгови.
- Судска одлука во случај на правни спорови.
Основачкиот договор може да содржи дополнителни причини за ликвидација, како што се исполнување на конкретна цел или настанување на специфични околности.
Разлика помеѓу ликвидација и стечај
Често постои забуна помеѓу термините „ликвидација“ и „стечај“. Важно е да се направи разлика меѓу овие два процеса:
Ликвидација: Доброволен процес за затворање на фирмата. Фирмата нема долгови и сите обврски се целосно подмирени пред да биде затворена.
Стечај: Принудно затворање на фирма која е неликвидна или презадолжена. Овој процес се спроведува со посредство на судот.
Ликвидацијата е доброволен и контролирачки процес, додека стечајот е принуден и се случува поради неможноста на фирмата да ги исполни своите обврски.
Постапка за ликвидација на фирма
Процесот за ликвидација се спроведува во неколку фази:
Прва фаза од постапката за ликвидација
1. Донесување одлука за ликвидација
Одлуката за ликвидација се носи на собрание на содружниците со најмалку тричетвртинско мнозинство од гласовите. Одлуката мора да биде документално евидентирана и поднесена во Централниот регистар.
2.Назначување ликвидатор
Ликвидаторот е лицето кое ја спроведува постапката. Неговата улога е:
- Завршување на тековните зделки.
- Наплата на побарувањата.
- Подмирување на обврските кон доверителите.
- Впаричување на имотот на фирмата.
3. Евиденција во Централниот регистар
По донесување на одлуката за престанок, друштвото се регистрира како „во ликвидација“. Називот на фирмата се дополнува со оваа ознака.
4. Јавен повик до доверителите
Ликвидаторот е должен да објави повик до сите доверители на фирмата да ги пријават своите побарувања. Повикот се објавува преку службен весник или други официјални канали, а познатите доверители се известуваат писмено.
5. Подмирување на обврските
Сите финансиски и законски обврски на фирмата мора да бидат подмирени. Доколку остане имот, истиот се распределува меѓу содружниците согласно основачкиот договор.
Втора фаза од постапката за ликвидација
По истекот на рокот од објавата на повикот за доверители,контролата од страна на УЈП како и завршување на сите обврски во првата фаза ликвидаторот поднесува барање за бришење на фирмата од Централниот регистар. Со ова фирмата престанува да постои.
Документација потребна за ликвидација
За успешно спроведување на ликвидацијата, потребно е да се достават следните документи:
- Одлука за ликвидација потпишана од сите содружници.
- Уверение од Управата за јавни приходи за состојбата со даноците.
- Уверение од Царинска управа за платени давачки
- Потврда од банки за состојбата на сметките.
- Завршни сметки за последните три години.
Одговорности на ликвидаторот
Ликвидаторот одговара со сиот свој имот за штетите причинети за време на ликвидацијата. Неговата одговорност е да осигура дека сите обврски се целосно исполнети пред поднесување на барање за бришење.
Завршни зборови
Ликвидацијата е сериозен процес кој бара детално планирање и стручно водење. Консултирањето со правен експерт или адвокатска канцеларија со искуство во оваа област е неопходно за да се осигура дека процесот ќе биде успешно спроведен. Ако размислувате за ликвидација на вашата фирма, важно е да ги разберете сите обврски и правни импликации.