Во деловниот свет, доверливоста е суштинска компонента на секој успешен договор. Компаниите секојдневно разменуваат информации кои можат да бидат деловна тајна, стратегиски податоци или чувствителни финансиски извештаи. Но, дали клаузулата за доверливост навистина има обврзувачка правна сила?
Што претставува клаузулата за доверливост?
Клаузулата за доверливост (Confidentiality Clause) е договорна одредба со која страните се обврзуваат да не споделуваат одредени информации со трети лица без претходна писмена согласност. Оваа клаузула се вклучува и се применува во различни типови договори, како што се:
✔Договори за соработка
✔Договори за набавка
✔Консултантски договори
✔Меморандуми за разбирање
✔Договори за вработување
✔Договори за лиценцирање и технолошки трансфер
✔Инвестициски договори
Дали клаузулата за доверливост е правно обврзувачка?
Да, клаузулата за доверливост има правна сила доколку е јасно дефинирана во договорот и доколку страните експлицитно се согласиле на нејзино почитување. Според Законот за облигациони односи, договорните обврски мора да се почитуваат согласно принципите на совесност и чесност. Доколку една страна ја прекрши доверливоста, може да се соочи со:
- Правни последици, како што е ништовноста на договорот.
- Нарушување на личниот и професионален углед
- Обврска за надомест на штета доколку прекршувањето нанесе финансиска или нарушување на угледот.
Судска постапка за заштита на нарушените права.
Како да се заштитите од прекршување на клаузулата за доверливост?
Ако сте страна во договор со клаузула за доверливост, важно е да:
✔ Ја разберете содржината – Осигурајте се дека е јасно дефинирано кои информации се доверливи и под кои услови може да се споделат.
✔ Добиете писмена согласност – Доколку треба да споделите информации со трето лице, побарајте писмена согласност од другата договорна страна.
✔ Ги вклучите релевантните лица во процесот – Ако некое лице треба да има пристап до доверливи податоци, осигурајте се дека тоа е предвидено во договорот.
✔ Внимавате на електронската комуникација – Не испраќајте доверливи информации преку е-пошта без заштитни механизми, како што се енкрипција или правни предупредувања.
Завршни зборови
Клаузулата за доверливост не е само формалност – таа има правна тежина и треба сериозно да се сфати. Нејзиното прекршување може да доведе до сериозни последици, како за компаниите, така и за поединците. (Confidentiality Agreement) се применува во различни индустрии и обезбедува заштита на чувствителните податоци. Затоа, пред да потпишете било каков документ, осигурајте се дека ги разбирате сите обврски и можни ризици.