Имотот стекнат за време на бракот е една од најчестите причини за правни спорови меѓу брачните другари. Прашањата „чие е ова?“, „како се дели?“, „дали бизнисот влегува во заедничкиот имот?“ се појавуваат речиси во секој процес на развод.
Разбирањето на оваа тема не е важно само во момент на развод – тоа е клучно за секој брачен другар кој сака да знае кои права и обврски произлегуваат од брачната заедница.
Што претставува заеднички имот или имот стекнат во брак?
Според Законот за сопственост и други стварни права во корелација со законот за семејство , заеднички имот е секој имот стекнат за време на бракот со работа или врз основа на заеднички вложувања. Тоа значи дека не е важно на чие име е впишан имотот – ако е стекнат за време на брак, се претпоставува дека е заеднички
Примери за заеднички имот:
- стан или куќа купени за време на брачната заедница;
- возило купено со заеднички пари;
- банкарски сметки и заштеди акумулирани во текот на бракот;
- приносите од земјоделска дејност или рента од издавање недвижнини;
- приходи од работа, хонорари или други редовни примања кои што завршиле во форма на заштеда
Клучно правило: заедничкиот имот е она што е стекнато со работа и вложувања за време на бракот – без оглед на тоа на чие име се води.
Што е личен имот или посебен имот?
- Личниот имот на брачниот другар не подлежи на поделба и останува во негова сопственост. Законот ги предвидува следниве категории:
- имот стекнат пред склучување на брак;
- имот стекнат со наследство;
- имот добиен со подарок, без разлика на времето на примањето;
- предмети за лична употреба – пример, облека, часовници, лични колекции.
Најчеста заблуда: многумина мислат дека ако подарокот или наследството се добијат во текот на бракот, тие стануваат заеднички. Тоа не е точно – тие остануваат личен имот и имаат режим на посебен имот. Исклучок од ова правило е доколку подарокот е даден на двајцата брачни другари
Бизнис и брачна заедница
- Една од најчувствителните теми е статусот на бизнисот.
- Фирмата како правно лице не е предмет на поделба. Ако е регистрирана на име на еден брачен другар, таа останува негова сопственост.
- Добивките и капиталот создадени од тој бизнис во текот на бракот се дел од заедничкиот имот( тука не се смета имотот на фирмата туку само паспределената добивка )
Пример:
Ако еден брачен другар има компанија основана пред или и во брак, самата компанија останува негов личен имот.
Долговите во текот на бракот
Не се дели само имотот, туку и обврските. Законот предвидува дека долговите создадени за време на брачната заедница за потреби на семејството се сметаат за заеднички.
Примери:
- кредит за купување стан или куќа;
- заем за уредување на домот;
- задолжување за школување на децата;
- кредити за лекување или здравствени потреби на семејството.
Ако долгот е направен за лични потреби (на пример, коцкање или приватен луксуз), тој не спаѓа во брачната заедница и брачниот другар што го направил е единствениот што одговара за него но таквото нешто мора да биде докажано во судска постапка
Како се дели имотот при развод помеѓу брачните другари?
Претпоставка за еднаквост
Законот претпоставува дека двајцата брачни другари подеднакво придонеле во стекнувањето на имотот.
Докази за различен придонес
Еден брачен другар може да докаже дека неговиот придонес е поголем – со банкарски изводи, договори, сведоштва. Но, важно е да се знае дека придонесот не е само финансиски – грижата за децата и водењето домаќинство исто така се сметаат како еднаков придонес.
Поделба со договор или преку суд
- Вон-судска поделба: ако постои согласност, имотот може да се подели со нотарски договор. Тоа е побрза и поевтина постапка.
- Судска поделба: ако нема согласност, се поведува судска постапка, која може да биде подолга и поскапа.
Завршни зборови
Имотот стекнат во брак е тема која предизвикува емоции и неизвесност, но законот нуди јасни правила. Најважно е да се разбере дека:
- заедничкиот имот се дели според претпоставката за еднаквост,
- личниот имот останува недопирлив,
- долговите за семејни потреби се делат,
- бизнисот како правно лице не се дели, но добивките се сметаат за заеднички.
Доколку се наоѓате во ситуација на развод или имате дилеми околу имотните односи во бракот, побарајте стручна правна помош. Со навремено советување можете да ги заштитите своите права, да избегнете конфликти и да обезбедите праведна поделба
Дали стан купен на име на еден брачен другар за време на бракот е негов личен
Не. Се смета за заеднички имот, освен ако не е купен со лични средства (наследство, подарок).



