Овој даровен договор претставува основ за пренос на правото на сопственост на определен предмет, отстапување на некое право, отпуштање долг или преземање туѓ долг без надомест. Главното обележје на договорот за дар е animus donandi или мотивот на дарувачот за дарување на даропримачот.
Важни елементи:
- Форма – договорот за да произведува полноважно правно дејство треба да биде склучен во писмена форма, но истиот ќе биде полноважен и во усна форма доколку станува збор за дар на движен предмет кој истовремено му е предаден на даропримачот. Во случај да се работи за дар на недвижност, освен писмената форма, задолжително е и потписите на договарачите да се заверат на нотар.
- Способност за дарување – дарувачот треба да има полна деловна способност за да направи дар, а даропримачот може да биде и лице со ограничена деловна способност, како и деловно неспособно лице
Специфични случаи на договор за дар:
- Кога предмет на дар е повремено давање, договорот престанува со смртта на даропримачот. Со смрт на дарувачот обврските од договорот не преминуваат на неговите наследници, освен ако тие го прифатиле овој договор.
- Договор за дар со товар или налог – Покрај даровната природа, со овој договор дарувачот може да задржи за себе или за некој друг, некое право или може на даропримачот да му наложи нешто да направи или да му дозволи нешто на друг. Ако пак даропримачот да не го изврши товарот или налогот ни во дополнителен примерен рок, дарувачот може да го раскине договорот и да бара враќање на подареното.
- Право на плодоуживање – Дарувачот може за себе или за друг да си определи право на плодоуживање со што може да продолжи да го користи имотот и да живее во истиот се до неговата смрт и да се осигура дека истиот имот нема да биде пордаден издаден или ставен под хипотека (линк)
Одговорност на договорните страни:
Всушност одговорноста во овој договор со оглед на доброчината природа лежи на страната на дарувачот. Тој одговара за неисполнување на обврската и за задоцнување на исполнувањето, ако е тоа со намера или е од негово крајно невнимание, поради што може да биде задолжен со казнена камата.
Освен тоа, дарувачот е одговорен и за материјалните и правните недостатоци на даруваниот предмет.
Едностраната одговорност на договор за дар не значи дека законот не предвидува правна заштита за дарувачот. Па така, ЗОО го уредува отповикувањето на дарот.
-Крајната неблагодарност изразена од даропримачот со своето однесување кон дарувачот или нему блиско лице, е основ дарувачот да го раскине договорот и да го отповика направениот дар. Ова право преминува и на наследниците на дарувачот, но престанува со истекот најмногу на една година сметајќи од денот кога дарувачот дознал за неблагодарноста на даропримачот, а најмногу по истек на пет години од покажаната неблагодарност. Во случај на отповикување заради неблагодарност, даропримачот е должен да врати се што примал на име дар.
-Немањето средства за живот за себе или за издржување на лицата кои по закон дарувачот е должен да ги издржува, е основ дарувачот да го раскине договорот, а ако предметот веќе го предал на даропримачот може дарот да го отповика и да бара даропримачот да му го врати она што од примениот дар се уште се наоѓа во имотот на даропримачот. Даропримачот може да го избегне отповикувањето, доколку се обврзе дека на дарувачот, во адекватна мера ќе му дава средства што му недостасуваат.
Откажувањето однапред од правото дарот да се отповика нема правна важност. Меѓутоа не можат да се отповикаат вообичаените, пригодните дарови, наградните дарови, како и даровите од благодарност, ниту даровите направени за добротворни и општо корисни цели.