Boris Trajkovski No.24 l. 7
+389 78 220 862

Невиност и товарот на докажување во кривична постапка

Во последните неколку години во јавноста особено се употребува изразот ОБВИНЕТИОТ ДА ЈА ДОКАЖЕ СВОЈАТА НЕВИНОСТ

Би сакал да ви објаснам зошто ОВА Е ЦЕЛОСНО ПОГРЕШНО

Од правна гледна точка во кривичната постапка обвинетиот не мора да докажува апсолутно ништо. Теретот на докажување паѓа на обвинителот кој ја повел постапката и обвинителот е тој што треба да докаже дали обвинетиот е виновен, а судот врз основа на расположливите докази треба да утврди дали обвинетиот е виновен или невин.

Кривичната постапка е всушност контрадикторна постапка, но тоа не значи дека обвинетиот треба да ја докаже својата невиност туку дека може да ги оспори доказите кои ги предлага обвинителот и да предлага докази во своја корист. Невиноста на обвинетиот е претпоставена и загарантирана со Законот за кривична постапка и обвинетиот е невин се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда.

Член 2 од ЗКП

Пресумпција на невиност

(1) Лицето обвинето за кривично дело ќе се смета за невино сè додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда.

(2) Државните органи, средствата за јавно информирање и другите субјекти се должни да се придржуваат до правилото од ставот (1) на овој член, а со своите јавни изјави за постапката што е во тек не смеат да ги повредат правата на обвинетиот и оштетениот, како и судската независност и непристрасност.

Член 5 од ЗКП

Право на правично судење

Лицето обвинето за кривично дело има право во правично и јавно судење пред независен и непристрасен суд, во контрадикторна постапка да може да ги оспорува обвиненијата против него и да предлага и изведува докази во своја одбрана.

Од ова е јасно дека обвинетиот не треба да ја докаже својата невиност, туку ОБВИНИТЕЛОТ ТРЕБА ДА ЈА ДОКАЖЕ ВИНАТА НА ОБВИНЕТИОТ

Leave a comment